Македонското Респираторно Здружение (МРЗ) е мултидисциплинарно здружение, основано na 22 декември, 1993 година. Како дел од Македонското лекарско друштво функционира повеќе од 20 години. Членовите на МРЗ се доктори кои работат во различни области на медицината, како пулмолози, интернисти, педијатри инфектолози, специјалисти по професионална медицина, торакални хирурзи, онколози, општи доктори и други профили, кои во секојдневната работа се сретнуваат со проблемите на респираторната патологија. Во моментот брои 99 активни членови, ангажирани во работата на 14 секции. Прв претседател и основач на МРЗ беше Проф. Д-р Мирослав Димитровски.
Активностите на Македонското Респираторно Здружение се насочени кон едукација на здравствените работници, презентација на најновите достигнувања во пулмологијата и примена на интернационалните водичи од областа на респираторната медицина. За исполнување на оваа цел, МРЗ организира повеќе стручни состаноци, симпозиуми и работилници, акредитирани од страна на Лекарската комора. Секои 4 години организира Конгрес со интернационално учество на еминентни професори од областа на респираторната медицина. Дел од активностите на МРЗ подразбираат комуникации и соработка со сродни интернационални здруженија. МРЗ работи на зголемување на свеста на општата популација и институциите на државата за важноста и социо-економскиот товар од хроничните респираторни болести, со цел подобрување на условите за третирање на болните и заеднички интервенции за намалување на растечкиот проблем на респираторните болести. Континуираната промоцијата на респираторната медицина во државата и пошироко е основната определба на МРЗ.